Лани во државата имало вкупно 604 предвремено родени бебиња, а оваа година бројот на предвремено родени бебиња изнесува 681. Со цел превенирање на предвремена бременост, во Клиниката за гинекологија и акушерство од крајот на оваа година ќе почне пилот студија за бесплатна скрининг програма за детектирање на пациентки кои што би развиле прееклампсија, а исто така пуштен е во употреба и интраклинички транспортен респираторен апарат за респираторна вентилација, информираше директорка на оваа Клиника, проф. д-р Ирена Алексиоска Папестиев.
Таа денеска на прес-конференција, по повод Светскиот ден на предвремено родените бебиња – 17 Ноември, посочи дека постојат повеќе ризик фактори за предвремено породување, меѓу кои е и загадениот воздух.
-Загадениот воздух претставува еден од ризик факторите, кои што во текот на бременоста можат да влијаат на предвремено породување. Се повеќе податоци од литературата говорат дека дефинитивно има влијание загадениот воздух, за да дојде до предвремени породувања, при што потоа овие пациентки ќе станат дел од интензивната нега, рече Алексиоска Папестиев.
Како што додаде, еден од ризик факторите за предвремено породување е и возраста кај жената.
-Денес современата жена прво ја реализира кариерата, а потоа се посветува на завршување на репродуцијата. Еден од ризик факторите е токму ова бременоста после 35 годишна возраст. Тоа е така затоа што во таа возраст, кај мајката веќе постојат коморбидитети на некои органи, кои нас гинеколозите не приморуваат предвремено да ја терминираме бременоста, со цел да ја заштитиме мајката, посочи Алексиоска Папестиев.
Исто така, подвлече, причините се и инфекции, како и повеќеплодова бременост. Директорката напомена дека планот е оваа година да се фокусираат најмногу на прееклампсијата.
-Прееклампсијата претставува заболување, каде што имаме мултиорганско зафаќање на самата трудница и се карактеризира со покачен крвен притисок, и со протеинурија кај мајката. Многу пати е придружено со компликации како за мајката, така и за плодовите. За плодот, затоа што не приморува некогаш ние предвремено да ја завршиме самата бременост и на тој начин да биде проследена со одредени компликации за овие недоносени дечиња, појасни Алексиоска Папестиев.
Таа информираше дека во последните две децении се бележи континуиран пораст на прееклампсијата, дури до 25 проценти. Тоа е, како што рече, резултат на зголемување на старосната граница кога жената одлучува да ја реализира својата репродуктивна функција, при што пет до осум отсто од трудниците можат да бидат комплицирани со ова заболување.
Подвлече дека во нашата држава од 16 илјади раѓања, 800 до 1.280 пациентки имаат ризик за појава на преекламспија.
Со цел ние да го превенираме и навремено да ја третираме пациентката кај која што би се јавила преекламспијата, благодарение на помошта која ја добиваме од Министерството за здравство, во мастер планот е предвидено од крајот на оваа година, да се почне со една пилот студија за бесплатна скрининг програма за детектирање на овие пациентки кои што би развиле прееклампсија. Тоа значи дека сите трудници ќе можат да бидат испратени на Клиниката, каде што ќе биде навремено детектирано дали има ризик за појава на преекламспија. Тоа ќе ни овозможи да превенираме со соодветна терапија, за да не дојде до предвреме завршување на бременоста, рече Алексиоска Папестиев.
Таа информираше дека пред два дена, во петокот, беше пуштен во употреба интраклинички транспортен респираторен апарат за респираторна вентилација.
-Тоа значи дека самите недоносени бебиња кои ќе ги добиеме во родилна или операциона сала под царски рез, додека да пристигнат до интензивно одделение ќе бидат навремено, во текот на првиот час од раѓањето, соодветно респираторно третирани, рече Алексиоска Папестиев.
Клиничкиот неонатолог педијатар Елизабета Петковска на прес-конференцијата подвлече дека станува збор за најнов респиратор кој е последен модел, со најнова техника, и кој што испорачува нежен начин на работа на белодобрието, заштита на мозокот и сите други органи и системи.
-Почетокот е многу важен кај новороденчињата. Затоа, искористувањето на првиот или така наречен „златен час“, односно стабилизација на новороденчињата е нешто што е најважно. На Одделот применуваме центрирано фамилијарна нега, во која се имплементира и контактот на двата родители, со поставување на бебето на градите на едниот или на другиот родител. Со тоа, уште повеќе помагаме во подобрување на нерволошкиот и психолошкиот развој на бебето, на неговата стабилизација, и да има што помалку компликации во понатамошниот раст и развој, додаде Петковска.
Според заменик министерот за здравство Јовица Андовски, имајќи го во предвид фактот дека над 13 милиони бебиња се раѓаат прерано секоја година, пристапот до квалитетна нега е клучен.
-Оваа бројка на светско ниво ни укажува дека преналитетот останува глобален проблем и водечка причина за смртност на децата до својата пета година, а дел од преживеаните деца ќе се борат со последиците до крајот на својот живот. Она што радува кај нас е фактот дека тимот на Клиниката за гинекологија и акушерство со макотрпна работа и сериозен, понекогаш и натчовечки труд и голема емпатија кон овие дечиња, а во соработка и со нивните родители, бележи огромни резултати, рече Андовски на прес-конференцијата.
Тој информира дека статистиките кои од 2017 година покажуваа смртност на над 21 процент, годинава истите се намалени на 6,7 проценти, односно 2 проценти во прочистената перинатална смртност.
-Минатата година во државата имаме вкупно 604 предвреме родени бебиња, а оваа година до денес е 681. Во нив спаѓаат и оние кои освен што биле пред време родени, биле родени и со тешки физички деформации, како и извесен број на деца кои морале да бидат подложени на хируршки зафат. Во изминатиот период беше изгласан мастер планот за регионализација на перинаталната здравствена заштита, и овој мастер план е многу значаен, затоа што во него точно се утврдени траекторијата и начинот на превоз на високо ризичните бремени жени од која било точка, на територија на државата во Клиниката за гинекологија и акушерство. Исто така, со овој мастер план очекуваме во иднина и стапката на смртност понатаму да се намалува, рече заменик министерот.