Власта манифестира нечуствутелност и расипништво во време кога граѓаните врзуваат едвај крај со крај и се во колективна тага, реагира СДСМ, по најавата дека за време на деновите на жалост, Владата склучила договор за мерење рејтинг вреден околу 370 илјади евра, а во исто време, на тендер бара фирма која ќе набави софтвер за медиумски мониторинг, кој ќе ги собира објавените вести и ќе ги класифицира како позитивни, негативни или неутрални.
Од Бихаќка во ова гледаат обид за контрола врз медиумите. Бараат Владата да ги поништи тендерите и овие пари да ги пренаменети за жртвите од кочанската трагедија.
За поддршката на семејствата и граѓаните во Кочани се организираат донации а владата на ДПМНЕ троши 400.000 евра за анкети и мерење на рејтингот на Мицкоски. Тоа не било доволно па гледаме објава на нов тендер за уште еден скап проект – оцена на медиумското влијание, мониторинг на медиумите, на социјалните мрежи, прес клипинг и оценка на вестите.Тоа ли се приоритетите на власта? Нема пари за плати, нема за пожарникарите, за лекарите, за работниците, пари има само за папаја, манго и рејтингот на Мицкоски. Зошто да се трошат пари на граѓаните за прес-клипинг кога веќе има професионална служба за прес-клипинг во Владата? Граѓаните добро ги знаат режимските методи на ДПМНЕ и ова е само нивно продолжение. Како тоа Владата на ДПМНЕ планира да ги селектира медиумите како позитивни, негативни или неутрални, што ќе случи доколку известуваат негативно, ќе бидат казнети, замолчувани – праша Кузеска.
СДСМ води политика на ниски страсти и некрофилија, одговорија од ВМРО ДПМНЕ. Оттаму појаснуваат дека нема тендер за мерење рејтинг, туку истражување на јавното мислење за проекти и реформи за тоа дали народот ги прифаќа или не.