Опозициската СДСМ денес алармираше за, како што велат, „сериозен сомнеж за криминал од огромни размери што се подготвува од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ“. Станува збор за брзата пруга која што според најавите треба да чини околу 2 милијарди евра.
„Пред очите на јавноста се одвива уште еден ‘проект’ без план, без документација, без јасни рокови – но со веќе позната цена од 2 милијарди евра. За пругата на Коридорот 10, која ја најави Мицкоски, не постои ниту еден лист хартија, но веќе се знае колку ќе чини“, изјави на прес конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, прашувајќи ако нема проект, ако нема студија, ако нема анализа на трасата – како се дојде до бројката од 2 милијарди евра, и кој и врз основа на што ја пресметал?
„Одговорот се наметнува сам: Се пресметува провизијата, не трошокот“, рече Кузеска.
Според СДСМ, „ова е подготовка за најголемиот тендерски криминал во поновата историја“.
„ВМРО-ДПМНЕ го повторува моделот: се ветува мегапроект без основа, се зголемува цената однапред, се отвора пат за перење пари и за богатење на партискиот врв. И во целата таа матрица на измама – Мицкоски вели пругата ќе почне до крајот на годината, а министерката Кочоска изјавува дека нема да почне ни до 2027 година“, истакна Кузеска.