Кашмира Булсара (73), сестрата на легендарниот Фреди Меркјури, наводно е бесна на неговата поранешна девојка Мери Остин затоа што ги продавала личните работи на Фреди, пишува „Д Сан“.
„Кашмира беше лута и вознемирена што виде толку многу предмети на нејзиниот сакан брат ставени на продажба“, рекол извор близок до сестрата на Меркјури. Затоа Кашмира заедно со синот Џамал Зук и личната асистентка тајно учествувала на аукцијата во Сотби, каде на крајот потрошила 3 милиони фунти за некои од предметите.
„Одвоија огромен буџет, па всушност беа многу задоволни со конечната бројка, и покрај тоа што платија значително повеќе од проценетата цена за секој артикл. Се разбира, Кашмира цени колку Фреди беше обожаван ширум светот, но беше тажна од помислата дека некои од неговите сентиментални предмети нема да бидат со неговите најблиски“, вели изворот.
Меѓу предметите кои наводно ги купила Кашмира се џубокс, елекот со мачките на Фреди што музичарот го носел на снимањето на спотот за песната „Овие се деновите од нашиот живот“ и осум страници работни верзии на текст.
Мери и Фреди се запознале во 1970 година, кога тој се преселил од родниот Занзибар во Лондон. Три години подоцна почнале да живеат заедно, но во 1976 година Фреди и признал дека е геј, по што раскинале. Иако никогаш не се венчале и покрај неговата сексуална ориентација, Фреди во неколку наврати ја нарекувал Мери негова сопруга. Тие останале во добри односи до неговата смрт во 1991 година.