Извршниот директор на OpenAI, Сем Алтман откри како ChatGPT се користи на различни начини во зависност од возраста на корисникот.
ChatGPT не е само алатка, туку и огледало – начинот на кој го користиме открива повеќе отколку што мислиме. Некои го третираат како попаметен Google, други како терапевт, а има и такви за кои го заменува целиот дигитален работен систем. Сѐ зависи од тоа на која генерација припаѓате.
На настанот AI Ascent организиран од Sequoia Capital, извршниот директор на OpenAI, Сем Алтман, даде интересно објаснување за тоа како корисниците пристапуваат кон вештачката интелигенција во зависност од нивната возраст.
„Грубо генерализирам, но постарите луѓе го користат ChatGPT како замена за Google“, тврди Сем Алтман. „Луѓето во своите 20-ти и 30-ти години се обраќаат кон него за животни совети. А, студентите го користат како оперативен систем“.
Бидејќи популарниот четбот може да контекстуализира сè што е споделено и дискутирано со него, Алтман исто така тврди дека многу млади луѓе „не донесуваат животни одлуки без да го прашаат ChatGPT што да прават“.
Ова не е прв пат да имаме увид во навиките на корисниците. OpenAI пред неколку месеци откри дека студентите во САД се најактивните корисници на оваа вештачка интелигенција и дека нивните барања се најпопуларниот начин за користење на четботот.
Анкета на Pew Research Center од јануари 2024 година покажа сличен тренд: 26% од тинејџерите на возраст од 13 до 17 години во САД го користат ChatGPT за помош со училишните задачи.
Алтман, исто така, откри дека OpenAI интерно користи своја алатка. „ChatGPT пишува голем дел од нашиот код“, рече извршниот директор, но не даде конкретни бројки. Од друга страна, извршниот директор на Google, Сундар Пичаи, претходно изјави дека вештачката интелигенција пишува повеќе од 25% од новиот код во компанијата.