Коста Кецмановиќ, момчето обвинето за масакрот во „Рибникар“ денеска сведочеше во Специјалниот суд во Белград, а во судницата беше и неговата мајка Милјана Кецмановиќ, како и родителите на убиените деца. Како што јавуваат дел од медиумите, Коста Кецмановиќ на прашањата одговарал со пауза од една до две минути.
Во пресрет на судењето беше одлучено Коста да сведочи од говорница во судницата, а не од посебна просторија како што првично беше планирано.
Коста денеска за првпат одговорил на прашањето кое година ипол ги мачи сите родители на убиени деца и кажа една реченица која предизвикала хаос во судницата.
Се чувствував отфрлено од децата и затоа го направив тоа. На 3 мај донесов пиштол за да го направам тоа намерно, но не бев сигурен дека ќе пукам, изјавил Коста пренесуваат српските медиуми.
Прашања можат да поставуваат оштетените, судијата, обвинителот, обвинетиот и неговите адвокати. Според пишувањата, за Коста подготвени се 250 прашања.
Пред обвинителството прашања треба да му поставуваат двајца јавни обвинители и главниот јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, кои во овој случај се инволвирани од почетокот на постапката.
Мајката на момчето, која беше обвинета во овој случај, во судот дошла од слобода, додека таткото е донесен од притвор.
Малолетникот денеска за првпат е изнесен од установата во која се наоѓа по делото.
Во овој случај им се суди на родителите на момчето Владимир и Милјана Кецмановиќ и на инструкторот на стрелиште Немања Маринковиќ кој е обвинет за кривично дело давање лажен исказ.