Кинескиот претседател Си Џинпинг веројатно нема да присуствува на инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп следниот месец, и покрај тоа што денес добил лична покана од Трамп.
Се очекува кинескиот амбасадор во Соединетите Американски Држави и неговата сопруга да го претставуваат Пекинг на церемонијата на 20 јануари, во согласност со стандардниот дипломатски протокол. На делегацијата би можеле да ѝ се придружат и други кинески функционери, но не и претседателот.
Кинеската амбасада во Вашингтон и тимот на Трамп засега не ја коментираат одлуката на претседателот.
Трамп го покани Си и покрај неодамнешната изјава дека планира да воведе високи царини на кинеската роба, над 25 отсто, колку што планира да им воведе на Мексико и Канада. Царините за Мексико и Канада се смислени за да се сопре нелегалната миграција и шверцот на фентанил во САД. Идната портпаролка на Трамп Каролин Левит изјави дека поканата е пример дека претседателот Трамп воспоставува отворен дијалог со лидерите на сите земји, не само со оние кои се американски сојузници туку и со противниците и ривалите.