Скопје е пред големи предизвици, но верувам дека со рационално, транспарентно и енергично раководење може да стане град каков што граѓаните заслужуваат, вели градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски и претендент за предводник на градската власт, во интервју за МКД.
„Ми претставува исклучителна чест што истражувањата покажуваат дека ја имам довербата на граѓаните за да ја преземам и оваа значајна улога. Скопје е град со огромен потенцијал, но и со големи предизвици. Град кој заслужува раководство кое ќе биде блиску до своите жители, кое ќе ги слуша нивните проблеми и кое ќе работи на тоа да создаде средина каде граѓаните ќе можат да живеат достоинствено, каде секој денар ќе се троши рационално и каде јавната администрација ќе биде во целосна служба на луѓето. Силно верувам дека најдоброто допрва доаѓа и дека со заеднички сили можеме да направиме значајни чекори напред. Скопје заслужува раководство со визија, ентузијазам и решителност, кое ќе го врати неговиот сјај и ќе го направи модерен европски град, вели Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека по преземањето на градоначалничкиот мандат, Општина Кисела Вода била со долг од 3 милиони евра, а во последната, четврта година веќе има историски најголемиот буџет досега. Исто така, 95% од предвидените проекти од предвидената програма се веќе завршени. Станува збор за инфраструктурни решенија за подобрување на секојдневниот живот на жителите на општината – од изградба на улици и канализации до модернизација на јавниот простор и поддршка за предучилишното и училишното образование, спортот и културата.
Како претседател на ЗЕЛС, тој смета дека рамномерниот развој и децентрализацијата се клучни за напредокот на нашата држава.
„Цврсто верувам дека секој граѓанин заслужува исти услови за живот, без разлика дали живее во голем град или во помало населено место. Моите заложби како претседател на ЗЕЛС се насочени кон тоа општините да добијат поголеми овластувања и ресурси за да можат што посамостојно да ги решаваат локалните предизвици. Во текот на изминатиот период, во соработка со Владата, започнавме бројни иницијативи кои имаат за цел да обезбедат рамномерен регионален развој. Ова е неопходно за да спречиме миграции од помалите општини и да создадеме услови за подобар живот низ целата држава, вели Ѓорѓиевски.
Целото интервју може да го прочитате ТУКА