Снег вее на планинскиот превој Стража, а снимки од новиот снежен бран веќе се споделуваат на социјалните мрежи.
Како што споделуваат „Порта.мк“ кои објавија видео од состојбата на терен, веќе паѓа снег кој не е за потценување и апелираат на внимателно движење во сообраќајот.
– Започна продорот на многу ладен воздух директно од Сибир во нашата Република Македонија. Токму ова веќе условува формирање на секундарен снежен циклон и нагло и значително опаѓање на температурите, дури и за 10 до 15 степени пониски температури ќе имаме до вечерва во однос на оние кои ги имавме до вчера (сабота 5 април) – напиша метеопрогнозерот Славчо Поповски.
Во следните часови од север врнежите ќе се прошират насекаде во Македонија и повремено ќе бидат обилни и од снег најпрвин на повисоките населени места, планините и секако на Скијачките центри. Во текот на доцните попладневни часови од денешниот ден (недела 6 април) и вечерва врнежи од снег ќе има и во повеќето пониски места (градови).
Од утрово под снег е и Белград, а снежни врнежи има низ повеќе градови во Србија.