Собранието доби заштитена или т.н глува соба во која ќе се чуваат и ќе се работи со класифицирани и строго доверливи документи со назнака државна тајна. Во неа ќе се одржуваат и средби и состаноци за класифицирани и чувствителни теми.
-Тоа е повеќе од само безбедносен објект, тоа е гаранција за демократскиот процес, место каде може да се водат критични и критички разговори без страв од компромитација обезбедувајќи одлуките за национална безбедност да се носат во средина на доверба и доверливост,- изјави – Владо Ѓердовски – Канцеларија на ДЦАФ во Скопје.
-Потребно беше да се исполнат сите стандарди и безбедносни протоколи неопходни за нејзина акредитација. Подготвени сме согласно утврдена постапка да ја ставиме на располагање заштитената соба и на други институции кои работат на класифицирани состаноци,- изјави – Африм Гаши – Претседател на Собрание.
Собата е физички одвоена од другите простории на Собранието, високо заштитена од секаков вид електромагнетни и радиобранови и во неа е вграден сертифициран „Фарадеев кафез“ на заштита. Како што велат од Собранието неопходна е и за поквалитетен надзор над тајните служби и следењето на комуникациите.
-Со изградбата на заштитената соба се создаде безбедна средина и заштитен работен простор каде што ќе се ракува со класифицирани информации со најголем степен на доверливост без ризик од протекување и неовластен пристап,- изјави – Никола Мицевски – Пратеник од ВМРО ДПМНЕ.
-На овој начин се создаде капацитет којшто значително ќе ја зголеми и ќе ја подобри парламентарната контрола на безбедносните служби и процесот на следење на комуникации,- изјави – Оливер Спасовски – Пратеник од СДСМ.
Влегувањето во заштитената соба ќе биде дозволено само за лицата со безбедносен сертификат и притоа ќе се спроведуваат строги безбедносни протоколи.
-Оваа обврска не ги исклучува ниту избраните народни пратеници. Освен Претседателот на Собранието само лицата за кои во текот на проверката ќе се утврди дека не постои безбедносен ризик добиваат безбедносен сретификат,- изјави – Стојан Славески – Дирекција за безбедност на класифицирани информации.
Проектот за изградба на т.н глува соба е започнат од пред четири години и чини околу еден милион евра. Имплементиран е од страна на DCAF – Женевскиот центар за реформи на безбедносниот сектор, а финансиран од страна на ЕУ, Швајцарија, Шведска и Холандија.