Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со состојбата со пожарите и тоа како државата се справува со ситуацијата, изјави дека е повикан ЕУ-механизмот за помош, но мобилизирани се сите капацитети во Македонија за справување со пожарите и состојбите сега се под контрола.
Имаме од 30, па и повеќе пожари секој ден. Вчера беа над 50 пожари. За повеќето од нив постојат основани сомневања дека се подметнати или, пак, се случиле од негрижа. До сега можам да кажам дека во јули ја држиме работата целосно под контрола. Во функција се сите оперативни летала што ги имаат Дирекцијата за заштита и спасување, Армијата и полицијата. Во функција се и оние возила, специјални возила, условно да кажам, што ги подготвивме бидејќи знаевме што нè очекува вакво лето. Го активиравме и европскиот механизам, мислам дека е активиран уште пред неколку дена“, посочи Мицкоски.
Огнена стихија има насекаде во Европа, рече премиерот, потенцирајќи за медитеранскиот дел.
Но имајте предвид дека ваков тип на огнена стихија има насекаде во Европа, зборувам во медитеранскиот дел. Во Грција има жртви, огромни пожари, цели населби се зафатени. Во Турција исто така има жртви и повредени, цели населби, цели градови. Албанија, Косово, Босна, Хрватска, Србија, до пред некој ден знам дека имаше речиси 240 на ден. Шпанија, Италија, Кипар исто така. Така што, во овој момент нема слободни воздухоплови кои би биле дел од тој ЕУ-механизам што би помогнал. Во моментот повеќе од 200 припадници на Армијата се на терен. Полициските службеници, практично полицајците, ги возат оние специјалните возила, БТР, „пинцгауери“ и „хермелини“. Се организираме, работата е под контрола. Пожари ќе има цело лето, ќе има и во август. Во овој момент немаме некаде огнена стихија што е надвор од контрола“, објасни тој.