Социјалистичката партија на албанскиот премиер Еди Рама води на парламентарните избори, по отворањето на првите гласачки кутии, објавува утрово „Албански пост“, повикувајќи се на податоците објавени од Централната изборна комисија (ЦИК), кои се однесуваат на првите 1.038 гласачки кутии отворени низ цела Албанија, од вкупно 5.225.
Според податоците објавени од ЦИК, Социјалистичката партија успеа да добие 53,26 проценти од гласовите на вчерашните избори.
Според проекциите на албанскиот весник, Социјалистичката партија најверојатно е на пат кон својот четврти мандат, со оглед на тоа што убедливо води и има предност во поголемиот дел од окрузите во земјата, откако беа отворени првите гласачки кутии.
Премиерот Рама се огласи на социјалните мрежи рано изутрина, објавувајќи фотографија од розовото партиско седиште со симболичната порака: „Каква зора е денес“, придружена со бројот 5 – изборниот број на партијата.
Од друга страна, коалицијата предводена од Демократската партија (ДП) освои 50 мандати, што е за 13 помалку од претходните избори.
Лидерот на ДП, Сали Бериша, на прес-конференција нешто пред полноќ, не прецизираше дали ќе го признае изборниот резултат, тврдејќи дека „силеџиите од Драч“ се обидуваат да го фалсификуваат исходот.