Околу 2.000 Британки, вклучително и семејствата на жртвите, треба да ја тужат американската компанија Џонсон и Џонсон поради наводно канцерогена пудра за бебиња, со што ќе започне една од најголемите правни постапки во Велика Британија.
Овој случај претставува значаен пресврт во глобалниот судски спор против споменатата компанија, пишува EuroWeekly News.
Компанијата „Џонсон и Џонсон“ во последниве години се најде на сериозни критики поради својата пудра за бебиња, која според некои анализи содржи талк со честички од канцероген азбест, став со кој се согласи и Светската здравствена организација.
Во 2020 година компанијата го прекина споменатиот производ во САД и Канада, а минатата година потенцијално опасниот талк во прашок за бебиња го замени со пченкарен скроб.
Во судскиот спор што претходно ја потресе Америка, Џонсон и Џонсон беше принуден да плати милијарди долари на жените на кои им беше дијагностициран рак на јајниците и користеа пудра за бебиња на Џонсон, но сепак останува на ставот дека нивниот производ не е канцероген.
„Нашиот став за безбедноста на нашиот козметички талк останува непроменет. Ние стоиме цврсто зад децениите независни научни анализи од медицински експерти ширум светот кои потврдуваат дека пудрата за бебиња базирана на талк Џонсон е безбедна, без азбест и без рак“, соопшти компанијата.
Спротивно на тоа, адвокатите кои ги застапуваат Британките во спорот тврдат дека Џонсон и Џонсон знаеле дека нејзиниот прав содржи талк со канцероген азбест и не направиле ништо за да ги информираат потрошувачите за ризикот.