Американскиот новинар Такер Карлсон на својата сметка на социјалната мрежа „Х“ објави дека допатува во Москва на интервју со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
Карлсон додаде дека интервјуто ќе биде објавено наскоро и дека е исклучително интересно.
Захарова: Интервјуто е опширно, адресирани се најактуелните прашања
Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, истакна дека интервјуто на Лавров е опширно и трае околу час и половина, а ќе биде објавено за неколку дена.
– Ми се чини дека Сергеј Викторович даде посебна нота во својата интеракција со медиумите, што подразбира комбинација на отвореност, професионалност, добра волја, но истовремено и јасни укажувања на националните интереси. Редовно се објавуваат интервјуа во руски и странски медиуми, се одржуваат прес-конференции, различни формати, брифинзи, коментари и еве уште еден – нагласи Захарова.
Според неа, интервјуто сега се преведува и се уредува.
Портпаролката додаде дека разговорот бил многу интересен и дека е посветен на најактуелните прашања кои сега загрижуваат многу луѓе и во Русија и во Соединетите Американски Држави, како и во целиот свет.
САД го забранија интервјуирањето на Зеленски
Карлсон во соопштението нагласи и дека американската амбасада во Киев не дозволила Владимир Зеленски да биде интервјуиран од новинар.
– Повеќе од една година се обидуваме да направиме интервју со Зеленски. Се обидовме да пристапиме од различни страни, разговаравме со многу луѓе од неговата околина. Постојано размислувавме, но американската влада се спротивстави на тие напори – изјави Карлсон.
Тој посочи дека на Зеленски му било дозволено да разговара со Си-Ен-Ен, но не и со него.
Американскиот новинар додаде дека граѓаните на САД не ја знаат целата ситуација, бидејќи немаат пристап до информации.
Карлсон рече дека Американците го знаат само она што го пренесуваат американските медиуми, на пример, ТВ Ен-Би-Си и весникот „Њу Јорк Тајмс“.
Според него, САД всушност се во состојба на вистинска војна со Русија, а повеќето Американци тоа не го ни сфаќаат.
– Светот е поблиску до нуклеарна војна од кога било досега во историјата – нагласи Карлсон.
Објавувањето на Карлсон на интервјуто со Лавров веќе собра четири милиони прегледи на социјалната мрежа Х.
Карлсон на почетокот на оваа година го интервјуираше рускиот претседател Владимир Путин, а интервјуто предизвика огромен интерес ширум светот.