Коалицијата „Вреди“ инсистира дека Македонија треба да ги започне преговорите (по кластери и поглавја) со Европската Унија (ЕУ) бидејќи земјата нема друга алтернатива освен членство во Унијата, изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари кој доаѓа од оваа коалиција.
Таравари, одговарајќи на новинарски прашања по денешната посета на Клиничката болница во Тетово, рече дека ваквата надеж ја темели на заедничкиот став во Владата во врска со ова прашање.
Во тој контекст, министерот рече дека „Вреди“ ќе биде забрзувач Македонија што поскоро да ги продолжи преговорите со ЕУ.
„Кажавме рок од шест месеци, дека ’Вреди’ ќе направи сè да започнат преговорите. Добро е што Албанија започна, меѓутоа лошо е што ние се разделивме. Од друга страна, треба и да разбереме дека и од бугарска страна нема влада, очекуваме таму да има избори. Јас се надевам дека ние ќе изнајдеме решение и ’Вреди’ ќе биде акцелератор и тригер за да што поскоро Македонија да почне со преговорите со ЕУ. Јас, колку што знам, и премиерот е за започнување што побргу, и тој е за ЕУ како и сите што сме во Владата“,изјави Таравари, пренесува МИА.