Министерот за здравство Арбен Таравари нема намера да ги разреши директорите на Детската клиника и на болницата „Козле“. Денеска на прес-конференција тој рече дека од нив очекува да казнат некого, односно „да има одговорност од некого за смртта на 14-месечното бебе“ кое почина на Детската клиника од бронхопневмонија.
Да причекаме, верувам дека двајцата директори ќе преземат мерки, а какви ќе бидат, не сакам да предрасудувам. Но, очекувам од нив да има некаква одговорност, рече Таравари на новинарско прашање дали директорите ќе бидат казнети ако не преземат мерки.
Таравари рече дека Клиниката „Козле“ според неговите информации, имала респиратор, ама го дала на некоја друга клиника.
Секако дека Министерството има обврска што побрзо да обезбеди во „Козле“ да има неинванзивен или инванзивен респиратор. Како министер не сум судија, ниту обвинител. Како министер ангажирав компетентна комисија што даде детален извештај што се случило. Тој е испратен до клиниките и чекаме да видиме како ќе постапат директорите. Немам ингеренции да избркам некого од работа, но инсистирам директорите да преземат мерки за докторите што направиле превид, да не речам грешка, рече Таравари.