Џастин Тимберлејк ја сподели со јавноста веста за својата здравствена состојба, откривајќи дека му била дијагностицирана лајмска болест. По две години поминати на светска турнеја, тој одлучил отворено да зборува за проблемите со кои се соочува.
Иако е познат по тоа што ја чува својата приватност, Тимберлејк почувствувал потреба да им открие на обожавателите „малку за тоа што се случува“ со него.
Искрена објава на Инстаграм
„Како што многумина од вас знаат, јас сум прилично приватна личност. Но додека размислувам за турнејата, сакам да ви кажам малку за тоа што ми се случува“, напиша тој на Инстаграм.
„Меѓу другото, се борев со одредени здравствени проблеми и ми беше дијагностицирана лајмска болест – не го велам ова за да предизвикам сожалување, туку за да осветлам низ што поминував зад сцената. Ако некогаш сте се соочиле со оваа болест или познавате некој што има, тогаш знаете: животот со неа може да биде безмилосно исцрпувачки – и психички и физички.“
Тој додаде: „Кога првпат ја добив дијагнозата, бев навистина шокиран. Но барем добив објаснување зошто на сцена чувствував силна нервна болка или само огромен замор и слабост.“
Одлука за продолжување на турнејата
Пејачот се нашол пред тешка одлука – да ја прекине турнејата или да продолжи и покрај сè. „Одлучив дека радоста што ми ја носи настапот далеку ја надминува привремената болка и стрес што го чувствуваше моето тело. Многу ми е мило што продолжив“, изјави тој.
Тимберлејк рече дека долго време се двоумел дали да зборува јавно за своите здравствени проблеми, но сега „се обидува да биде потранспарентен за борбите, за тие да не бидат погрешно сфатени“.
„Го споделувам сето ова со надеж дека сите ќе најдеме начин да бидеме поврзани едни со други“, порача тој. „Сакам и јас да придонесам и да им помогнам на оние што исто така се борат со оваа болест.“
Што е лајмска болест?
Тимберлејк не е единствена славна личност што се бори со оваа болест – манекенката Бела Хадид исто така јавно говореше за своето искуство. Според клиниката Мајо, лајмската болест ја предизвикува бактеријата борелија, а луѓето најчесто се заразуваат преку каснување од заразен крлеж.
Болеста е најзастапена во североисточните, средноатлантските и горните делови на Средниот Запад во САД, но се пријавени и многу случаи во Европа и некои делови на Канада. Ризикот од зараза е најголем во тревни, грмушести и шумски предели, поради што се препорачува претпазливост при престој во природа.