Ако сакаме да бидеме сериозна држава, треба да имаме соодветен авион што ќе одговара на потребите на државниот врв и ќе обезбеди безбедно и економично патување за поголеми делегации, изјави директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, во интервју за емисијата „360 степени“.
Како што објасни Томовски, владиниот авион „лирџет 60“, купен во 2005 година, веќе не ги исполнува потребите на државата – има само шест седишта, често се расипува и неговото одржување станува финансиски товар. Последниот дефект, кој предизвикал протекување на гориво од резервоарите, дополнително ја истакнува сериозноста на ситуацијата.
„Авионот редовно се одржува, но сепак е премногу стар за да ги издржи потребите на делегациите и честите патувања“, рече Томовски
Томовски предложи набавка на нов или половен авион кој би бил не постар од две до три години и би имал најмалку 14 седишта.
„Сметам дека ова треба да биде тема на заеднички консензус меѓу власта и опозицијата. Важно е сите да се согласиме дека државата треба да има соодветно летало,“ додаде тој.
Цената на нов авион се движи од 30 до 40 милиони евра, но половен авион може да се набави за околу 15 милиони евра, според проценките на Службата. Сепак, Томовски нагласува дека одлуката треба да ја донесат стручни лица, како пилоти и авиомеханичари, кои најдобро ја разбираат состојбата на пазарот и барањата за безбедност.