Доналд Трамп го нарече Володимир Зеленски диктатор и му рече да побрза, инаку ќе го изгуби и она што остана од Украина.
Откако претходно ја обвини Украина за почеток на војната со Русија, на што Зеленски му возврати дека живее во меур од руски дезинформации, Трамп сега жестоко го нападна украинскиот претседател на својата социјална мрежа.
„Умерено успешниот комичар Володимир Зеленски ги убеди САД да потрошат 350 милијарди долари и да влезат во војна што не може да се добие, која никогаш не ни мораше да започне, војна која тој без САД и Трамп никогаш нема да може да ја реши. Ја сакам Украина, но Зеленски заврши ужасна работа. Неговата земја е распарчена, а милиони луѓе непотребно умреа. Во меѓувреме, САД успешно преговараат за крај на војната со Русија“, кажа Трамп.
Тој притоа кажа дека Украина ѝ е поважна на Европа отколку на Америка.
„Европа не успеа да донесе мир во регионот“, рече Трамп.
По вчерашните разговори САД-Русија во Саудиска Арабија, на кои што Украина не беше поканета, Владимир Путин изјави дека со задоволство би се сретнал со Трамп, додавајќи дека пред тоа мора да се решат некои прашања. Трамп вчера кажа дека средбата со Путин би можела да се одржи до крајот на месецот.
„Украина ги издржа најужасниот воен напад во модерната историја на Европа и три години тотална војна. Ќе продолжиме да го браниме нашето право на постоење“, објави украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха по последниот напад од Трамп.
Володимир Зеленски му кажа на Доналд Трамп дека живее во дезинформациски меур откако тој кажа дека само 4% Украинци го поддржуваат актуелниот украински лидер.
„Никогаш не коментирам рејтинзи на популарност, особено за мене или други лидери, но една последна анкета покажа дека 58% Украинци ми веруваат. Така што, ако некој сака да ме замени моментално, тоа нема да успее“, изјави Зеленски на прес-конференција во Киев.
Петгодишниот мандат на Зеленски истече во мај минатата година. Украинските власти велат дека поради руската агресија и воената состојба во земјата е невозможно да се организираат избори. Зеленски предупреди дека од Русија доаѓаат многу дезинформации, кои се шират и во САД.