Американскиот претседател Доналд Трамп го отпушти шефот на Здружениот Генералштаб, генерал Си. Кју Браун и најави дека ќе смени уште пет други високи функционери како дел од реорганизацијата на американското воено раководство.
Трамп во објава на својата платформа Truth Social соопшти дека ќе го номинира пензионираниот генерал Ден „Разин“ Кејн за наследник на Браун. Поранешен борбен пилот на Ф-16, Кејн беше заменик-директор за воени прашања во Централната разузнавачка агенција (ЦИА) до 2024 година.
Трамп ќе ја смени и заменик-шефицата на американската морнарица, адмиралката Лиза Франчети, како и заменик началникот на воздухопловните сили и главните воени судии во армијата, морнарицата и воздухопловните сили, објави Пентагон.