Американскиот претседател Доналд Трамп е на пат да добие еден од највредните подароци што некогаш ѝ биле дадени на американската нација – и тој има намера да го задржи за себе.
Според „Еј-Би-Си њуз“, катарското кралско семејство планира да му подари на Трамп луксузен „Боинг 747-8“, познат како „летечкиот дворец“, кој би станал неговиот нов „Ер Форс Уан“. Испораката на авионот се очекува за време на претстојната посета на Трамп на Блискиот Исток.
Според достапните информации, луксузниот Боинг 747-8 што катарското кралско семејство планира да му го подари на претседателот Доналд Трамп е познат по својот раскошен ентериер, вклучувајќи ѕидови во златна боја и позлатен мебел. Авионот е опремен со спална соба, салони, конференциски сали, мермерни бањи и големо скалиште. Тој планира да го задржи и по истекот на мандатот.
Трамп наводно веќе го разгледал авионот во февруари додека бил паркиран на аеродромот Вест Палм Бич и лично го одобрил, објави ABC.
Според истите извори, авионот треба официјално да биде предаден на Фондацијата на претседателската библиотека на Трамп пред крајот на мандатот на Трамп.
Иако размената на подароци меѓу државници е вообичаена, Уставот на САД им забранува на федералните службеници да прифаќаат лични подароци од странски државници без согласност на Конгресот. Сите подароци вредни повеќе од минималниот праг (480 долари, според уредбата од март 2025 година) се сметаат за сопственост на американскиот народ и може да се задржат само ако службено лице ги купи по пазарна вредност, според Претседателската библиотека и музеј „Роналд Реган“.
Трамп во последните месеци постојано јавно го критикуваше „Боинг“ за доцнење во испораката на два нови претседателски авиони, склучени како дел од договор вреден 3,9 милијарди долари.
„Не ми се допаѓа што е толку доцна“, им рече Трамп на новинарите во февруари додека беше во воздух на авионот што сега е „Ер Форс Уан“. „Нема изговор за тоа.“
Според извештајот на Си-Ен-Ен, вршителката на должноста шеф на одделот за набавки на воздухопловните сили на САД, Дарлин Костело, му рекла на Комитетот за вооружени сили на Претставничкиот дом дека, според тековните преговори со „Боинг“, испораката на двата авиони би можела да се одложи за 2027 година.
„Не можам да го гарантирам тој рок, но Боинг моментално предлага 2027 година, ако можеме да постигнеме договор за измени во барањата“, рече Костело.