Тимот на новоизбраниот претседател Доналд Трамп подготвува голем енергетски план за зголемување на производството на нафта во Соединетите држави и одобрување дозволи за извоз на нови проекти за течен природен гас (ЛНГ), пренесува Ројтерс повикувајќи се на два информирани извори.
Овие планови, наводно, ќе бидат обелоденети само неколку дена откако Трамп ќе ја преземе функцијата на 20 јануари. Трамп, исто така, ќе повлече некои клучни климатски закони и регулативи донесени од администрацијата на Бајден, како што се даночните кредити за електрични возила и новите стандарди за чисти електрани, додаваат изворите.
Новиот претседател на Соединетите Американски Држави ќе настојува да го забрза издавањето дозволи за проекти за ЛНГ и дупчење нафта на американскиот брег, што е во согласност со неговите предизборни ветувања, како и да го одобри пуштањето на гасоводот Кејстоун.
Многу елементи од овој план бараат долги процедури за одобрување преку Конгресот или државниот регулаторен систем. Трамп вети дека ќе прогласи енергетска вонредна состојба на првиот ден од неговиот мандат, што сугерира дека ќе се обиде да наметне некои промени без претходна процедура, посочува британската агенција.