Заменик-градоначалникот на Град Скопје, Александар Трајановски информира дека поднесува оставка од функцијата.
Во подолга објава на социјалните мрежи, тој ја објасни причината за ваквата одлука. Информира дека со најголем дел од јавните претрпијатија под капата на градот, раководат кадри на опозициската ДУИ.
На денешната седница на Советот на град Скопје, Александар Трајановски рече дека градоначалничката Данела Арсовска се грижи единствено за „кланот од Сарај“, кој под незјино водство владее со Скопје.
Смета дека градоначалничката се грижи само за Сарај, а сите директори на јавни претпријатија доаѓаат токму од оваа општина: „од кал да е – директор од Сарај да е“, рече тој, пред денешната седница во Советот на град Скопје.
-Кога се нафатив да бидам заменик градоначалник тогаш градоначалничката наводно беше во битка со партизираните претпријатија. Косана Мазнева која тогаш беше директор на Комунална Хигена влезе во пресметка со екипа која ги тероризираше вработените во претпријатието и ги користеа ресурсите и капацитетите на претпријатието како да е нивна своина. За прв пат директор на јавно претпријатие се осмели да се соочи со овие структури. Косана Мазнева против таа банда херојски се избори и ја отстрани од Комунална Хигиена. За таа победа Косана Мазнева беше наградена со отказ, а денес градоначалничката на Град Скопје токму од таа екипа назначува директори, пишува Трајновски, додавајќи:
-Јас не прифаќам да бидам заменик градоначалник само на Сарај, не прифаќам ниту градот да удоволува само на потребите на екипата од Сарај.