Пратеничката на СДСМ Јована Тренчевска од собраниската говорница, во рамките на седницата за пратенички прашања побара оставка и упати прашање до министерот за здравство Арбен Таравари, во врска со бројните скандали во здравството и здравствениот систем кој е пример за хаос, неизвесност и страдање на пациентите.
„Заштитата на здравјето на граѓаните во секоја одговорна држава е највисок приоритет. Обезбедувањето здравствен систем во функција на граѓаните не е само прашање на хуманост, туку и одговорност на секоја Влада – здрава нација значи продуктивна нација и тоа е основа за напредокот на секоја држава. Но, овие вредности се далеку од приоритетите на македонската влада. Наместо функционален и стабилен здравствен систем, столб на сигурност- нашиот здравствен систем е пример за хаос, неизвесност и страдање на пациентите. За 10 месеци оваа Влада и министерот за здравство Таравари, го доведоа до степен на „тешко болен пациент, на кој му нема спас“, посочи Тренчевска и додаде:
„Наместо систем кој треба да се грижи за здравјето на граѓаните и да лекува, имаме систем кој го става во ризик животот на луѓето, систем кој убива“.