Шпанската полиција го уапси поранешниот висок полицаец Оскар Санчез Гил кога во ѕидовите и таваните на неговата куќа биле пронајдени 20 милиони евра.
Полицијата ги пронашла парите при рација во неговата куќа во градот Алкала де Енарес, кој се наоѓа на 30 километри источно од Мадрид, објави „Гардијан“.
Исто така, во канцелариј0ата на Санчез Гил биле пронајдени милион евра скриени во два заклучени плакара, во банкноти од 50 до 500 евра. Санчез Гил и неговата партнерка се обвинети за трговија со дрога, перење пари, корупција и членство во криминална организација.
По појавувањето на судот во Мадрид минатата недела, на двајцата им беше одреден притвор. Санчез Гил, кој до неодамна беше началник на одделот за борба против измами и перење пари на шпанската полиција во Мадрид, беше уапсен заедно со уште 15 лица, меѓу кои и неговата партнерка, која исто така е полицаец во Мадрид.
Истрагата е поврзана со заплената на 13 тони кокаин, кој беше запленет минатиот месец во пристаништето Алгесирас на југот на Шпанија.
Кокаинот, кој бил скриен во кутии со банани, пристигнал од Гвајакил, најголемиот град во Еквадор, кој е познат како центар на трговијата со дрога.
Според информациите од истрагата, Санчез Гил бил под сомнеж од неговите колеги, кои го прислушувале неговиот телефон.
Официјални извори наведуваат дека тој бил осомничен дека најмалку пет години работел за дилери на дрога и дека им давал информации за надзор на контејнерите во шпанските пристаништа, што им овозможило да ги избегнат контролите