28-годишниот Ф.Ј. од Штип беше уапсен бидејќи се сомничи дека во период од речиси девет месеци, со закани и присилба изнудил вкупна сума од 275.000 денари од 21-годишно момче, исто така од Штип.
Како што соопшти полицијата, лишувањето од слобода било извршено на 21 јуни 2025 година, околу 18:00 часот во Штип. Според пријавата, Ф.Ј. во периодот од октомври 2024 до 20 јуни 2025, вршел сериозни притисоци врз оштетениот, користејќи закани и психолошка присила.
– Осомничениот го натерал оштетениот да аплицира во неколку финансиски друштва за брзи кредити, да позајмува пари од трети лица, па дури и да го продаде својот мобилен телефон. Покрај тоа, го присилил да земе и пари од сопствениот татко, со што вкупната штета достигнала 275.000 денари – велат од полицијата.
За случајот е известен јавен обвинител, а по целосно документирање на предметот, против Ф.Ј. ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.