Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз Венко Филипче смета дека реформата во правосудството треба да се реши со консензус. Иницијативата за изгласување доверба на дел од членовите на Судскиот совет, вели дека има два аспекти од кои едниот е поврзан со Планот за раст.
– Дали дефинитивно се откажуваме од близу 800 милиони евра кои се влезени во Планот за раст за нас, од вкупниот пакет од неколку милијарди евра за Западен Балкан, коишто се врзани со исполнување на реформите бидејќи таму стои дека тој Судски совет не може туку така да се распушти. Тоа е едно сериозно прашање, рече вечерва Филипче во емисијата „Дебата“ на телевизија „Клан“.
Реформата во правосудството, според него, треба да се реши со консензус на сите политички партии. Вели дека е подготвен тоа да ги иницира и преку Националниот совет за евроинтеграции.
– Спремен сум тоа да го иницирам и преку Националниот совет за евроинтеграции каде што сум претседател. Тоа е широк форум, учествуваат сите партии, граѓански и меѓународни организации. Да повикаме експерти и од странство доколку е потребно и да видиме што и на кој начин треба да се направи затоа што било каква еднострана интервенција во судството нема да значи реформа, туку партизација и затоа вториот аспект е како тоа да се направи за што ни е потребен национален консензус, натпартиски и надетнички, вели Филипче