Првиот предизвик за спроведување електронски попис е дека нема да има вистинска мапа на населението, односно нема луѓето да бидат регистрирани таму каде што вистински живеат, туку по личната карта која што во многу случаи е на друго место и втората работа која што е предизвик за спроведување електронски попис е тоа што ја нема националноста во ниту една електронска база, посочи денеска лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче во врска со предлогот на премиерот Христијан Мицкоски за спроведување на електронски попис на населението идната година.
Во одговор на новинарско прашање, тој истакна дека над 25 отсто од населението се води на друга адреса од онаа која што е заведена во нивната лична карта, што според Филипче, ќе биде предизвик за спроведување на електронски попис. Неговото искуството од пописот спроведен од Владата предводена од Социјалдемократскиот сојуз, говори дека и кога се вкрстуваат податоците со базите на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија (ПИОМ) и Управата за јавни приходи (УЈП) графата за националност ја нема.
– И кога се вкрстуваат податоците со базите на ФЗО, ПИОМ, УЈП со цел да тие податоци се проверат од направениот попис, како што во наше време за време на пописот се вкрстини податоците од шест електронски бази за да се провери каде е работното место, име, презиме и така натаму, ја нема графата за националност. Тие две работи сметам дека се сериозен предизвик кога станува збор за тоа дали да се прави или не електронски попис, рече Филипче.