Комисија составена од кардиолози, ендокринолози и специјалисти од оддел за интензивна нега и терапија ќе го истражуваат случајот со тригодишното дете од Кавадарци кое минатата недела почина на пат до скопските клиники.
Заменик министерот за здравство Јовица Андовски потврди дека докторите кои ќе го истражуваат случајот се повикани веднаш да почнат со работа. Комисијата ќе треба да утврди дали имало лекарски пропуст во лекувањето на детето.
- Комисијата има за задача да изврши надзор над стручната работа во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Кавадарци и ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести – Скопје, а во врска со лекувањето и третманот на починатото дете од Кавадарци. За извршениот надзор, горенаведената Комисија, во рок од осум дена од денот на завршувањето на надзорот над стручната работа, доставува извештај за надзорот до заменик министерот за здравство. – Министерство за здравство.
Здравствениот инспекторат кој минатата недела изврши контрола врз здравствените установи каде детето било третирано не утврди пропусти во делот на нивните надлежности, но иницираше комисија која ќе го истражи и стручното работење на здравствените работници кои биле вклучени во лекувањето.
Семејството претходно обвини дека лекарите не доволно сериозно ја сфатиле состојбата на детето и побара истрага од здравствените власти.