Министерот за здравство Азир Алиу ја посети Психијатриската болница „Скопје“.
Заедно со в.д. директорот Хиса Авдулаи беше направена обиколка на болницата и средба со здравствениот персонал. Констатирани се сериозни предизвици во условите за работа и третман на пациентите, кои бараат итна системска реакција, се вели во денешната објава на социјалните медиуми од Министерството за здравство.
Психијатриските случаи од главниот град, додека примаат терапија, живеат во бедни, нечовечки и брутално лоши услови.

Од објавените фотографии, направени при посетата на министерот, се гледа зграда со распаднати , испукани ѕидови, уништени врати и прозорци, ичкртани ѕидови.

Инвентарот е дотраен, креветите за пациентите, дел се релативно нови, а другите полоши од оние во затворите од старите филмови. Плакарите се искршени, прозорците неизмиени, а дворот запустен.

На фотографиите се забележува дека собите за пациенти со неколку кревети, се со бетонски под кој речиси целосно е изронет и со големи дупки, а влезните врати целосно исчкртани.

Очајната состојба на психијатриската болница најсликовито ја покажуваат санитарните простории и тоалетите, во кои воопшто нема врати, а ѕидовите се со мувла и нечистотија. Нема ни чешми за одржување на личната хигиена.

Сериозното лице на министерот го одразува очајот на институцијата.