Жена од Њујорк го прослави својот 104. роденден во затвор, што било дел од нејзината специјална листа на желби – да заврши во ќелија, пишува „Њујорк пост“.
Лорета, жителка на старечкиот дом „Авон“ во Џенесио, конечно си ја исполни долгогодишната желба, благодарение на полициските службеници кои ѝ овозможија да помине некое време „зад решетки“.
Во понеделникот, Лорета доброволно беше „уапсена“ и сместена во затворот на округот Ливингстон, каде што доби и специјална приватна тура низ објектот. Таа имаше можност одблиску да го види системот за надзор и просториите за евиденција на затвореници.

На фотографиите од ова несекојдневно искуство, Лорета изгледа воодушевено, особено на една каде што се обидува да стигне до пар лисици за раце.
За разлика од вообичаените „гости“ на затворот, таа имала специјален третман – роденденска забава со кафе и торта.
Оваа несекојдневна прослава се случи само два дена по нејзиниот вистински роденден, на 8 февруари. Откако открила дека нејзината единствена желба е „да ја види внатрешноста на затворот“ бидејќи никогаш претходно не била во таква установа, нејзините најблиски и полициската канцеларија направиле сè за да ѝ ја исполнат желбата.

Пред да замине, Лорета му даде едноставен, но мудар совет на шерифот Томас Дохерти за тоа како да се доживее длабока старост: „Гледај си ја својата работа!“
„Лорета прекрасно си помина во нашата затворска установа, а ние сме пресреќни што ѝ ја исполнивме роденденската желба! Благодариме за смеењето и за одличната енергија!“, пушува на фејсбук-страницата на оваа полициска станица, кои навистина уживаа во оваа прослава.
Според студија на Бостонскиот универзитет, исклучително мал број луѓе достигнуваат 100 години – само 0,027 отсто од американската популација. Од нив, дури 85 отсто се жени.