Есејот кој го напиша Џастин Маск, поранешната сопруга на технолошкиот магнат и извршен директор на „Тесла“, за време на нивната неуредна постапка за развод во 2008 година повторно привлече внимание по неодамнешното објавување на биографијата на Маск, објави Економик тајмс.
Поранешната сопруга на технолошкиот магнат и извршен директор на „Тесла“ исто така сподели неколку сознанија за личната филозофија што влијаеше на успехот на нејзиниот поранешен сопруг за време на говорот на TEDx. Џастин Маск даде единствена перспектива за амбициозниот претприемач зад „Тесла“ и „Спејс икс“. Покрај тоа, таа ја нагласи важноста на границите и на фокусот, притоа истакнувајќи дека способноста на Илон Маск да каже „не“ е исклучително клучна за неговите достигнувања.
– Имавме огромна куќа со послуга. Одевме на гала свечености и седевме на најдобрите маси во најелитните дискотеки, со Парис Хилтон и со Леонардо ди Каприо. Но, целиот сјај не можеше да прекрие нешто многу важно – Илон беше опседнат со работата – вака Џастин претходно го опиша својот брак со Илон Маск.
Зад себе, Илон Маск има 3 неуспешни бракови, од кои 2 со истата жена.
Воедно, тој е и татко на 12 деца кои ги има добиено од 3 различни жени. Пет од овие деца ги има со првата сопруга Џастин Маск, со која и најдолго бил во брак.
Џастин всушност родила 6 деца од милијардерот, но едно од нив починало на само 10-месечна возраст.
Илон Маск бил упорен и успеал
Џастин студирала на Универзитетот „Квинс“ во Онтарио, Канада кога го запознала Илон. И тој студирал на истиот факултет и бил една година постар од неа.
– Илон беше момче од високата класа, со јужноафрикански акцент, кој еден ден ме застана пред интернатот и ми рече дека сме се запознале на забава на која сум сигурна дека не присуствував. Неколку години подоцна ми призна дека ме забележал во читалната и посакал да ме запознае – изјавила Џастин.
Тој ја поканил на сладолед и иако таа прифатила, потоа го откачила оствајќи му порака пред нејзината студентска соба. Сепак, Илон не се откажувал, па решил да ѝ купи сладолед и да ѝ го однесе.
Џастин има изјавено дека иако Илон бил упорен, таа сепак не била единствената жена која се обидувал да ја освои.
По некое време, Џастин сепак се согласила да отиде на ручек со него, излегле неколкупати, но откако дипломирала, извесен период не биле во контакт.
– Се сеќавам дека една ноќ ѝ реков на сестра ми дека ако ми се јави Илон, ќе му дадам шанса. И ми се јави една недела подоцна – објасни таа.
Преку ноќ Илон станал милионер
Овој период, Џастин била во Онтарио, а Илон во САД каде што работел на неговата прва компанија „Zip2“. И, практично почнале врска на далечина, но Џастин редовно го посетувала. 2 години подоцна, во 1999 година, тие веќе биле свршени и ја планирале свадбата.
– Прво бев во врска со 20-годишен надежен бизнисмен, потоа одеднаш бев свршена со богат бизнисмен. Илон ја продаде компанијата и преку ноќ заработи 20 милиони. Купи и реновира огромна куќа за нас. Купи и спортски автомобил, вреден милион долари, како и мал авион. Нашето секојдневие не се промени многу, но богатството на Илон се чинеше како нешто апстрактно и нереално, низа со многу нули која постои на некое чудно место – рекла таа.
Пред да ја побара за жена, Илон дури и се шегувал дека ќе ја остави за некој супермодел, но на крај наместо тоа, ја изненадил со свршенички прстен.
Додека се спремале за свадбата, Илон веќе бил дел од „Пејпал“ и богатството значително му се зголемувало.
Два месеца пред да се венчаат, од Џастин побарал да потпише „финансиска спогодба“. Тогаш ѝ рекол дека не станува збор за предбрачен договор, туку за документ што го барале кај него во фирма.
– Тогаш не знаев што значи тоа, немав ни време да истражувам за договорот и да сфатам дека воопшто не е во моја полза. Тогаш му верував на свршеникот, зошто инаку би се венчала со него? Мислев дека сме сродни души, дека никогаш нема да се разведеме – рекла таа.
Илон избегнува да зборува за првиот брак, но Џастин тврди дека почнала да ги гледа предупредувачките знаци уште на денот на свадбата.
Имено, додека танцувале, Илон ѝ рекол дека тој е главниот во врската, а со текот на времето таа сфатила дека не се шегува со изјавата.
– Додека бевме во брак Илон постојано ме критикуваше и во една пригода му реков дека јас сум му сопруга, а не негова вработена. На ова, ми одговори дека ако сум му била вработена, ќе ме отпуштел – објасни таа.
Првото дете им починало
Во 2002 година, им се родило првото дете – синот Невада Александар. Но, кога наполнил 10 месеци, починал. Џастин го оставила да спие, но забележала дека не дише. Додека да стигне брзата помош, бебето долго време било без кислород и не покажувало мозочна активност. Детето поминало 3 дена во болница, кога на крај лекарите им соопштиле дека нема како да го спасат.
– Го држев во раце кога почина. А Илон ми кажа дека не сака да зборуваме за неговата смрт. Па си ги закопав чувствата – објаснила таа.
Илон и Џастин сакале да имаат деца, па само 2 месеца подоцна, со Џастин отишле во клиника за асистирано оплодување.
Тие имале навидум совршен живот, но не биле среќни
Во наредните 5 години, Џастин родила близнаци, а потоа и тројка. Иако навидум животот им бил совршен, Џастин била далеку од среќна.
„Имавме огромна куќа со послуга. Одевме на гала свечености и седевме на најдобрите маси во најелитните дискотеки, со Парис Хилтон и со Леонардо ди Каприо. Кога патувавме, одевме со приватен авион каде што стјуардесата ни даваше шампањско. Беше како сон, со привилегии и надреално. Но, целиот сјај не можеше да прекрие нешто многу важно – Илон беше опседнат со работата“, рекла Џастин за нивната врска.
Џастин вели дека помеѓу нив немало никаква близина и се чувствувала само како да му е трофеј. Дури и си го променила изгледот за него. Илон се согласил да одат на брачен советник, но истовремено бил преокупиран и со работата. Еден месец подоцна ѝ рекол дека или ќе ги решат проблемите денес или ќе се разведат. Следното утро, Илон поднел барање за развод, но не ѝ кажал на Џастин, туку таа била известена преку нивниот брачен советник.
Дури тогаш Џастин сфатила каков договор потпишала пред свадбата.
– Се откажав од сите мои права во брачна заедница, вклучувајќи и од сè што ми следува – рекла таа.
Само 6 недели по разводот, Илон ѝ напишал порака на Џастин и ѝ кажал дека се свршил со млада актерка од Британија – Талула Рајли.
Во 2010 година, двојката била на суд за спогодбата за разводот.
Илон тврди дека ѝ понудил 80 милиони долари, што таа ги одбила.
Познато е дека во разводот ја добила куќата во којашто живееле со Илон и со децата.
Исто така, таа се грижа за децата, а Илон ги покрива сите трошоци за нив.
– Го запознав кога немаше многу, но богатството и славата ја променија динамиката. Не сакав да бидам спореден лик во неговиот живот. Сакав еднаквост, сакав партнерство, сакав љубов каква што имавме пред да ги заработи милионите – рекла Џастин за разводот, но сепак истакнала дека го почитува Илон и покрај целата драма.
Љубовниот живот на Маск по разводот
Следната романса на Маск, по врската со Талула Рајли, беше со актерката Амбер Херд. Двајцата наводно се запознале додека работеле на филмот „Machete Kills“, а по разводот на Херд од Џони Деп во 2016 година, почнале да се појавуваат гласини за романса. Тие беа видени заедно во јавноста, а до крајот на 2017 година ја официјализираа својата врска на социјалните мрежи по заедничкото патување во Австрија.
Сепак, нивната врска беше краткотрајна и тие се разделија до летото 2018 година.
Сепак, една од најозборуваните врски на Маск беше со музичарката Грајмс (вистинско име ѝ е Клер Баучер).
Нивната романса започна во 2018 година. Грајмс и Маск го дочекаа своето прво заедничко дете, X Æ A-12 (подоцна поедноставено во „Х“), во мај 2020 година. Во септември 2021 година, парот се раздели, а Маск откри дека тие се „полуразделени“, но дека сепак се сакаат, честопати се гледаат и дека се во одлични односи.
Среде нивната разделба, двојката доби второ дете, Екса „И“ Дарк Сидерел, преку сурогат, како што потврди Грајмс во интервју во мај 2022 година.
Во 2022 година, Грајмс и Маск официјално се разделија.
Во јули 2022 година, „Бизнис инсајдер“ откри дека Маск ги пречекал близнаците, Страјдер и Азура, со Шивон Зилис, извршен директор во неговата компанија „Неуралинк“. Близнаците се родени само неколку недели пред Маск да добие уште едно бебе со Грајмс.
Зилис јавно изјави дека таа и Маск никогаш немале романтична врска, но близнаците ги зачнале преку вештачко оплодување. Двојката ја чуваше својата врска главно приватна, но Маск потврди во јуни 2024 година дека со Зилис добил трето дете, велејќи дека раѓањето не е тајна.
Иако не е јасно дали Маск и Зилис се во романтичен однос или не, според Дејли Бист, таа му се придружи на инаугурацијата на Доналд Трамп во понеделник, 20 јануари, што претставува ретко појавување на извршниот директор.