Тоа е една многу сериозна ситуација, кога низ целата држава се зборува дека на одредени универзитети или факултети, без оглед дали се јавни или приватни, се купуваат дипломи, односно студентите не го стекнуваат квалитетот на знаење кое треба да го стекнат. Ќе се појават неколкупати или воопшто нема да се појават, а се стекнуваат со диплома, рече министерката за образование и наука, Весна Јаневска на денешната панел дискусија на тема „Подобрување на образованието“.
Министерката истакна дека тешко се докажуваат случаите со купени дипломи.
– Кога се обидувате да добиете релевантни информации, се разбира дека ниту тој што продал, ниту тој што купил ќе застане тоа јавно да го каже. Но, докази за неквалитетот на одредени дипломи гледаме секојдневно кај луѓето кои се вклучени во различни работни процеси во администрацијата, зошто нив ги нема во приватниот сектор, секако, или на некои други работни позиции – рече министерката.
Јаневска додаде дека Министерството за образование и наука врши сериозен мониторинг на работата на факултетите, со цел да запре процесот на издавање на дипломи несразмерни на реалната вредност и на создавање лажен идентитет.
– Докажувањето на ова е малку тешко и е прилично сериозна и макотрпна работа. Меѓутоа, има и други можности преку кои ние прво би се обиделе, а потоа во следен чекор и со сигурност би го запреле овој процес. Тоа значи сериозно мониторирање на работата на факултетите или на универзитетите, преку алатките кои во моментот ни се достапни тоа да го правиме. Тоа значи дека во моментот го користиме Државниот просветен инспекторат и законските можности кои се дадени во Законот за државен просветен инспекторат, Законот за високо образование и со Агенцијата за квалитет во високото образование. Правиме силни напори секаде каде имаме пријава дека се случува нешто нерегуларно да постапиме и постапуваме. Државниот просветен инспекторат во изминативе 6 месеци постапил во 1.400 предмети, што е огромна бројка – објасни Јаневска.
Јаневска нагласи дека во иднина ќе се настапува уште поригорозно, со крајна цел да не се дозволува да ја напуштаат државата оние кои реално вложуваат енергија во образованието и се градат интелектуално.
– Потребно е уште малку време, јас постојано кажувам дека во образование ништо не може да се направи од денес за утре. Треба уште малку време да го заокружиме целиот овој процес, за да можеме после тоа и поригорозно да постапуваме, а ќе постапуваме затоа што доколку дозволиме вакво нешто да се продолжи во иднина, ние ќе имаме сè помалку образовани кадри во државата, а оние коишто ќе бидат подобро образовани ќе ја напуштаат. Проблем со кој во моментов се соочуваме – рече Јаневска.
Во врска со законските измени во образованието, министерката рече дека законот е променлива материја и дека се потребни суштински промени за подобрување на образованието.
– Законската регулатива е многу важна и добро е да имаме добри закони, но, она што е подобро е да ги имплементираме. Затоа во овој период МОН се фокусираше на законски решенија кои се можни за имплементација. Затоа што, познато е дека имаме и многу стратегии и закони кои се добри кога ќе ги погледнеме, но, кои, за жал, во нашата земја не се имплементираат или не може воопшто да се импплементираат. Оттука, водевме многу грижа, она што го правиме да можеме и да го спроведеме – објасни Јаневска.
Јаневска даде одговор на прашањето дали е можно УКИМ да се врати во првите 1.000 универзитети на Шангајска листа.
– Јас сум непоправлив оптимист и по природа амбициозен човек. Со заеднички цели секако ќе можеме, нема причина зошто не би можеле. Интелектуалци, истражувачи, научници во цел свет се исти луѓе. Тие не се разликуваат по нешто, освен по условите во коишто работат и можностите коишто државата им ги нуди, вклучувајќи ги и законските решенија, за да се постигнат тие цели – заклучи Јаневска.