Сопственикот на Пуцко Петрол, Асмир Јахоски, поднел жалба против одлуката на Кривичниот суд кој не му ја прифати гаранцијата од над два милиони евра ефективниот притвор на Јахоски да му биде заменет со домашен, потврди неговиот адвокат Владимир Доневски за Алсат. Во краток телефонски разговор Доневски кажа дека утрово е поднесена жалба до Апелација и дека во текот на следната недела се очекува кривичниот совет да донесе конечна одлука. Од друга страна, од Апелација за Алсат велат дека официјално до овој момент ја немаат добиено жалбата, меѓутоа дека откако ќе пристигне ќе постапуваат по истата.
Оттаму објаснуваат дека по добивањето на жалбата Апелација ќе чека мислење од вишото јавно обвинителство, а потоа на седница за која дополнително ќе се извести јавноста дали ќе биде јавна или не, кривичниот совет ќе одлучува дали ќе ја прифати или ќе ја одбие. И покрај позитивното мислење на јавен обвинител од обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Јахоски да биде пуштен во куќен притвор доколку покрај гаранцијата од 60 милиони денари на посебна сметка депонира уште 72 милиони денари, Кривичен сепак одлучи барањето да го одбие како неосновано со образложение дека доколку заврши во куќен притвор Јахоски би можел да ја попречи истрагата преку влијание на сведоци или преку прикривање и уништување на трагите на кривичното дело.
Асмир Јахоски пак е еден од 13-те осомничени во истрагата за сомнителните тендери за набавка на мазут вредни 167 милиони евра за ТЕЦ Неготино, а која беше отворена во 2023 година. Покрај Јахоски, во овој случај помеѓу осомничените има неколку други познати бизнисмени и поранешни функционери како ексдиректорот на ЕСМ Васко Ковачевски кој е во бегство и сопственикот на нафтената компанија РКМ Енерџи Ратко Капушевски кој се наоѓа во притвор. Јахоски е во притвор од 12 март.