На прес-конференцијата по натпреварот со Естонија селекторот на македонската машка репрезентација Александар Јончевски го изнесе својот став за одиграното.
„Одигравме добар прв дел, ги исполнивме работите кои ги трениравме. Го контролиравме рекетот, игравме добра одбрана. Задржавме квалитетен тим како Естонија на 38 поени во едно полувреме. Сепак, во продолжението промашивме многу чисти шутеви. Дел од играчите имаа многу добри можности, а ако не ги искористите против ваков ривал – ќе ве казни. Честитки до Естонија, заслужуваат да бидат на Евробаскетот. Ние мора да продолжиме да се бориме за следните шанси“, изјави Јончевски.
За крај на квалификацискиот циклус Македонија ќе ја дочека Полска в понеделник во натпревар кој нема да има резултатско значење.