Пред одделението за инфективни болести во Тетово ќе се гради меморијален парк во чест на жртвите од модуларната болница која беше зафатена од пожар. Министерот за здравство Азир Алиу и вицепремиерот за добро управување Арбен Фетаи, меѓу другото, нагласија дека овие жртви не треба да се заборават.
„Овој проект не е за да се покаже, овој парк не е украс! Тоа е, за жал, задоцнета одговорност која системот требаше да ја преземе од самиот почеток. Но денес конечно почнуваме, и тоа поинаку. Меморијалниот парк што го градиме не следи прави патишта, затоа што ниту животот не беше праведен со овие луѓе.“, порача Азир Алиу.
„До ден денес нема правда за жртвите, за семејствата на жртвите од трагедијата во Тетово, исто како што нема правда ни за жртвите и нивните семејства во други трагични случаи, како што беше случајот во Ласкарци и автобусот во Бугарија.“, вели Арбен Фетаи.
Идејата за изградба на меморијален парк првично дојде од „Иницијатива Нула“, која поднесе официјално барање до Општина Тетово. Предвидената локација за паркот се наоѓа до поранешната модуларна болница, бидејќи на местото каде што некогаш беше болницата, сега има зонски паркинг.