Вистината за Македонија“ или таканаречените „бомби“, беа пуштени пред 10 години, на денешен ден 9. февруари 2015 година. Тогашната опозиција СДСМ предводена од Зоран Заев, кој подоцна стана премиер, во јавноста пушти прислушувани телефонски разговори помеѓу тогашни високи функционери.
Од денеска СДСМ и опозицијата го почнува проектот „Вистината за Македонија“. Целта е да ја вратиме слободата и демократијата во Македонија, да ги вратиме европските вредности“, рече тогаш Заев.
Првите „бомби“, односно снимени разговори, слушнати на таа прва прес конференција, беа прислушкуваните разгвовори токму на Зоран Заев.
Денеска ќе слушнете како јас, Зоран Заев, сум следен и прислушуван во континуитет во последните неколку години. Сум бил следен и прислушуван и кога не бев лидер на СДСМ, како разговарам со мои партиски колеги,со луѓе од Општина Струмица, со граѓани, како разговарам со моите деца.“
Бомбите“ предизвикаа низа масовни протести, и беа причина за формирање на Специјалното Јавно обвинителство врз основа на Договорот од Пржино. СЈО подоцна згасна.
Се отворија многу предмети базирани на разговорите кои беа објавени во јавноста, а голем дел од нив пропаднаа поради застарувања на делата.
Во меѓувреме, тогашниот премиер Никола Груевски избега во Будимпешта. Екс премиерот и натаму е во главниот унгарски град од каде повремено испраќа соопштенија преку социјалната мрежа „Фејсбук“.
За прислушуваните разговори беше отворен предмет „Тврдина“ а потоа и дел од предметот за масовно прислушување „Таргет-Тврдина“ кои не застареа со исмените на Кривичниот законик, односно уништувањето на системите за следење на комуникацијата во УБК.
Во овој предмет со обвинението опфатени беа поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.