Над илјада и двесте киограми месо, јајца, мед, ракија и маслиново масло, но и други производи уништила Агенцијата за храна и ветеринарство во последните вонредни контроли што ги прават пред Велигденските празници. Инспекторите откриле големи количини месо, како и преработки од месо што не смеат да се најдат на полиците и на трпезите на граѓаните. Ветеринарите и инспекторите на Агенцијата изминатите денови направиле 350 надзори над операторите со цел да се спречи продажба на небезбедна храна особено месо и јајца, некои од најбараните производи пред Велигден.
„За утрврдените недоследности со вонредните контроли изречени се казни во висина од 3650 евра во денарска противвредност и издадени се 22 решенија со наредби за нивно отстранување. Во услови на зголемена побарувачка на храна поради претстојните празници, апелираме до граѓаните да бидат одговорни потрошувачи и да пазарст само од одобрени/регистрирани оператори за храна кои се под контрола на инспекциските служби“, велат од АХВ.
Агенцијата упатува и да се внимава на декларациите на производите, рокот на употреба и режимот на чување на храната.