Новоизбраниот претседател Доналд Трамп објави дека ќе го номинира менаџерот на хеџ фондот Скот Бесент за нов секретар за финансии и најави уште неколку назначувања за неговата нова администрација.
Бесент (62) е основач на инвестицискиот фонд „Ки Сквер Капитал Менаџмент“ и со прекини работи за Сорос Фонд Менаџмент од 1991 година. Доколку биде потврден, тој ќе биде првиот американски министер за финансии кој е отворено геј, пренесува Voice of America.
Тој е фокусиран на намалување на дефицитот и рече дека ќе работи на намалување на националниот долг. Бесент, кој е милијардер, ги поддржуваше демократите во минатото, но стана силен поддржувач на Трамп.
„Овој изборен циклус е последна шанса за Соединетите држави да се извлечат од планината долгови без да станат некаква социјалистичка демократија во европски стил“, изјави тој за Блумберг во август.
Скот Бесент го поддржува планот на Трамп за зголемување на даночните олеснувања и рече дека тарифите под втората администрација на Трамп првенствено ќе бидат насочени кон Кина.
Во својата изјава Трамп рече: „Скот ужива широка почит како еден од најистакнатите меѓународни инвеститори и геополитички и економски стратези“.
Трамп синоќа ги објави и имињата на неколку други кандидати за позиции во неговиот кабинет.