Компаниите од земјава кои се дел од странски корпорации, а остваруваат приход над 10, а профит поголем од 1 милион евра ќе плаќаат 15 проценти данок на профитот. Ова го најави премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека единствена нова давачка која ја планира Владата е усогласување на глобалниот корпоративен данок. Законската регулатива ќе се усогласува до крајот на годинава.
„Тоа подразбира дека сите оние компании кои што на глобално ниво имаат приходи поголеми од 750 милиони евра, овде кај нас повеќе од 10 милиони евра и профит поголем од 1 милион евра, мора да платат консолидиран данок од 15 проценти на профит.“, рече Мицкоски.
Владата детектира три типа на вакви компании кај нас. И тоа оние кои користат даночни ослободувања во слободните економски зони, надвор од нив, но и компании кои даваат услуги, како „Телеком“,„ А1“, „Цементара“, „ЕВН“.
„Во македонскиот даночен систем е рамен данокот од 10 проценти. Што ќе се случи. Тие оствариле профит од 100 парички, ќе платат 10 парички, 10 проценти тука, а останатите 5 ќе мора да ги платат во матичната држава. Тоа не е фер, тоа не е фер. Ако тие профитираат од македонските граѓани, и ако македонските граѓани ги плаќаат своите сметки, тогаш треба тие 15 проценти да ги платат тука“, изјави Мицкоски.
Станува збор за минимална глобална даночна стапка, предвидена во еден од двата столба на договорот постигнат во рамки на Организацијата за економска соработка и развој ОЕЦД. 136 земји низ светот, меѓу кои и Македонија се потпишаа на договорот со цел да обезбедат пофер оданочување на корпорациите.