Познат како даночен рај и место за собирање на богатите, Монако има 39.000 жители. Според проценката на американската компанија Најт Френк, на секои 10 жители има седум милионери. Сето ова на површина помала од Њујоршкиот Централ парк.
Сепак, површината на втората најмала земја во светот се зголеми за три проценти. Имено, на Средоземното Море е изграден нов дел од Монако, наречен „еко-област“ Маретера, со што површината на земјата се зголеми за речиси 15 хектари. Принцот Алберт Втори го отвори денеска, а станува збор за луксузен комплекс вреден две милијарди евра, кој има марина, шеталиште и луксузни станбени згради.
Проектот беше претставен во 2013 година, а неговата реализација значеше сушење на просторот, односно нанесување на 750.000 тони песок на местото каде што имаше вода. Речиси половина од вештачки создаденото земјиште ќе биде достапно за јавноста, кое вклучува парк, велосипедски патеки, марина и продавници. Беа засадени и 1.000 дрвја донесени од Тоскана.
Комплексот од приватни резиденции е составен од повеќе од 100 апартмани и 10 луксузни вили. Неколку врвни архитекти, вклучувајќи ги Норман Фостер и Тадао Андо, имаа задача да ги дизајнираат зградите на Маретера. Покрај тоа, италијанскиот архитект Ренцо Пијано, најпознат по галеријата Центар Помпиду во Париз, дизајнираше една од зградите, која го доби името Ле Ренцо.
Иако цените на станбените имоти не се објавени, Најт Френк проценува дека цените ќе бидат 100.000 евра по квадратен метар, што е речиси двојно повеќе од просекот во Монако. Изградбата е финансирана со приватни средства, но корист ќе имаат властите во Монако бидејќи данокот на продадениот имот е 20 отсто. Реализацијата на овој проект значеше и проширување на конференцискиот центар Грималди Форум.
Земјиштето е малку во Монако, кој има долга историја на градење покрај море и на море. Вештачки создаденото земјиште формира повеќе од четвртина од копното. Најзначајните проекти за проширување на земјиштето, односно проекти за мелиорација, се реализирани во 60-тите и 70-тите години на минатиот век, а меѓу овие проекти се Ларвото и Фонтвије.
Претходните процеси на мелиорација предизвикаа незадоволство кај еколозите, кои се загрижени за влијанието на мелиорацијата врз морскиот свет во Монако, кој вклучува 60 видови корали. Новата планирана мелиорација беше напуштена во 2009 година, делумно поради загриженоста на самиот принц Алберт Втори, кој е познат по неговата посветеност на заштитата на биодиверзитетот на океаните.
Мелиорацијата во Монако сега е строго контролирана. Дизајнерите на Маретера уверуваат дека се консултирале со експерти и создале нови живеалишта за рибите пред реализацијата на самиот проект. Дополнително, тие тврдат дека 80 отсто од греењето и ладењето ќе биде од обновливи извори на енергија, вклучително и енергија од соларна централа на 1,2 хектари, пишува CNN.