Деветгодишното дете кое во вторникот заедно со неговата баба падна од зграда во Кисела Вода е во стабилна состојба, но не може да се каже дали е надвор од животна опасност, открива за „Телма“ д-р Лазо Јовчески, в.д. директор на Клиниката за Детска хирургија.
Детето е во стабилна состојба, но има повреди на повеќе системи, почнувајќи од главата, има повреди на ребрата и на внатрешните органи. Направени се дополнителни иследувања. Детето дише самостојно, со кислородна поддршка и без механичка вентилација. Не е потребен оперативен зафат засега, изјави за Телма во телефонски разговор, д-р Лазо Јовчески, в.д. директор на Клиниката за Детска хирургија.
Младиот пациент е во одделот за интензивно негување. Д-р Јовчевски не може да каже во моментот дали е надвор од животна опасност, но додава дека пациентот е во стабилна состојба, под постојана опсервација и извршени се дополнителни испитувања.
Од МВР преземаат мерки за расчистување на случајот. Засега е познато дека во вторникот седумдесетгодишна жена и малолетник паднале од зграда, по што жената починала на лице место.
Немилиот настан се случил околу 19:40 часот. Според сведочења на соседи за „Сител“, кои не сакаа јавно да зборуваат прво од шестиот спрат на зградата во која живееле паднало детето, а веднаш потоа и бабата. Како што сведочат соседите детето паднало на тревникот пред зградата, а бабата на оградата.
Интервенирале и пожарникари кои ја исекле оградата за да го подигнат тетото на жената.
Според кажувањата на соседите, родителите на детето не биле во станот кога се случила трагедијата.