Формирана е интердисциплинарна комисија во врска со случајот со трето-одделенецот од Основното училиште „Лазо Ангеловски“ во Скопје кој требаше да биде префрлен во Основното училиште „11 октомври“.
Комисијата ќе треба да го разгледа случајот и да донесе мерки кои ќе бидат во интерес и на ученикот и на сите инволвирани страни.
– Министерството за образование и наука учествува во изнаоѓањето решение за случајот со ученикот со кој јавноста е веќе запознаена и во таа насока, на иницијатива на МОН е формирана интердисциплинарна комисија составена од претставници на министерството, Бирото за развој на образованието, општината, училиштето и социјалните служби, која се состанува за разгледување и преземање соодветно мерки и активности согласно законската регулатива, во чиј фокус се најдобрите интереси на ученикот, но и на сите инволвирани, велат од МОН.
Трето-одделенецот од чие однесување се жалат родители од ОУ „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче требаше да биде префрлен во ОУ „11 Октомври“ во Центар. Родителите на учениците од „11 Октомври“ ја бојкотираа наставата, а по повлекување на одлуката и негово враќање во матичното училиште „Лазо Ангеловски“, денеска празно остана и ова училиште.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска вчера изјави дека случајот добил „преголема, непотребна и до некаде неправедна јавност, обем и дискусија“.
– Сметам дека е пренагласена реакцијата на сите родители, но и дека училиштата треба посериозно да ја сфатат работата во однос на децата кои имаат потешкотии во учењето или кои имаат потешкотии во однесувањето и социјализација во сопствената средина. Овој случај трае премногу, преземени се одредени мерки, па дури и МОН формирало комисија која за решавање на проблемот. Препорачано е детето да ја промени средината. Ако стручни лица препорачале така, значи треба да ја промени средината, изјави Јаневска. Таа додаде дека: „Училиштето од кое потекнува има на располагање стручна служба (педагог, психолог, социјален работник) и директор кои треба да го решат проблемот. Детето не може и не смее да остане на улица“ затоа што „секое дете има право на образование кое е задолжително. Државата е должна, заедно со училиштата, да му овозможат на детето да поминува низ образовен процес“.