Ние изминатиов подолг период сме сведоци на едно непримерно, можам да го наречам и политичко насилие, влијание, притисоци на некој начин и уцени на Уставниот суд. Тоа е резултат на едно фрапантно отсуство на елементарна политичка култура, да не зборувам за уставна култура, изјави на денешната прес-конференција претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски.
-Повеќе пати имам кажано дека нема да дозволам Уставниот суд да биде уценуван од никого и нема да дозволам да биде под притисоци и закани од било кого. Секој што мисли дека владеењето на правото, правната држава ќе ја попречат со политичко влијание и со манипулации, воопшто да не се трудат. Такво нешто нема да се случи. Уставниот суд има јасни надлежности, ги црпи од Уставот. Уставниот суд е чувар на Уставот и го чува во таква форма, таков како што е, нагласи Костадиновски.
Претседателот на Уставниот суд додаде дека воопшто не сака да комуницира и полемизира со политичарите, но нагласува дека се приморани на некој начин да им се обратат на граѓаните и да ги уверат во независноста и непристрасноста.
Потенцираше дека денешната одлука на Уставниот суд, не сака од никој да биде сфатена како слабост или подлегнување под некој притисок.
Ние продолжуваме со постапувањето по тој предмет (Закон за употреба на јазиците). Тоа е најстариот предмет во овој суд, повеќе од пет години и нашата денешна одлука треба да биде толкувана како врвен чин на одговорен пристап и највисока почит и должност кон граѓаните, да не дозволиме да бидат манипулирани и лажени од политичарите, дециден е Костадиновски.