Во организација на Здружението на граѓани „Одбор за традиционална прослава на Бадник“ во месноста Краста на падините на Водно ќе се одржи собир на кој кумот и здравичарот на Бадник 2025 ќе ги засечат бадниковите гранчиња. Новиот здравичар за 2025 година е Атанас Петков, а новиот кум Радомир Макеларски.
-Наше задоволство е веќе трета година да учествуваме во организација на овој настан. Ги повикуваме сите граѓани на 22ри на падините на Водно заедно да береме Бадникови гранчиња, а потоа на 6ти јануари свечено пред Соборниот храм, рече градоначалникот на Центар Горан Герасимовски.
-На 22 декември од 12 часот ќе започне општонародна граѓанска веселба на јужните падини на Водно. На 6 ти јануари кај Соборниот храм да го одбележиме овој голем празник на скопското бадникување, веќе е се спремно и сметаме дека се што ни е зацртано ќе го реализираме, посочија од Здружението на граѓани „Одбор за традиционална прослава на Бадник“.
-Чувството е убаво, возбудата е голема, радоста е уште поголема, рече новиот здравичар за 2025 година Атанас Петков.
Петков е дипломиран архитект, роден 1955 година и живее во Скопје.
-Тоа ќе биде и убава можност за дружење и запознавање со членовите на Одборот, кои ги прават завршните подготовки за 33-та средба на 6-ти јануари 2025 година на платото пред Соборниот Храм Свети Климент Охридски. Поканети се и кумови и здравичари од изминатите манифестации, што наидоа на општа симпатија и одобрување кај скопјани, како и долгогодишни спонзори и симпатизери на традиционалното скопско Бадникување, информира Одборот за традиционална прослава на Бадник во Скопје.