Фудбалската репрезентација на Македонија ги дозна противниците во квалификациите за пласман на Мундијалот во 2026 година. На патот до Канада, Мексико и САД на Македонија и стојат Белгија, Велс, Казахстан и Лихтенштајн.
Македонија ќе биде фаворит во дуелите со Казахстан и Лихтенштајн, а впечатокот е дека може да игра со фаворитот Белгија и Велс.
„Извлекувањето во Цирих ни носи надеж. Добивме група со репрезентации со кои може да играме и да се надеваме на добар пласман.
Белгија е голем фаворит. Една од најсилните светски селекции и ќе биде големо изненадување доколку не успее да го освои првото место во оваа конкуренција.
Велс е одлична репрезентација, тим кој игра динамичен и брз фудбал. Се разбира дека влегуваат со свои пресметки за конечниот пласман во групата, но убеден сум дека можеме да се спротивставиме на вистински начин.
Казахстан и Лихтенштајн можеби немаат позитивни резултати во последните квалификациски циклуси, но секој нов почеток е нова надеж и за условно, помалите репрезентации во групата.
За мене е важно ние да го задржиме истиот пристап како на последните натпревари од Лига на нации, силно мотивирани да влеземе во квалификациите и да одново да се бориме за резултат кој може да ни донесе можност за евентуален пласман на големо натпреварување, изјави за интернет страницата на Фудбалската федерација на Македонија, селекторот Благоја Милевски.