Италијанското село Калабрезе Белкастро поради непостоечки здравствени услуги, им забрани на жителите да се разболат од тешки болести, пишува Би-Би-Си.
На жителите на Белкастро им е „наредено да избегнуваат какви било болести за кои е потребна итна медицинска помош“, според декретот на градоначалникот Антонио Торчиј.
Торчиј нагласи дека овој потег е „очигледно хумористична провокација“, но дека има поголема резонанца од писмата што тој ги испрати до регионалните власти со предупредувања за проблемите на локалниот здравствен систем.
Околу половина од 1,2 илјади жители на Белкастро се постари од 65 години, најблиската здравствена установа е оддалечена повеќе од 45 километри, а патот до неа е ограничен на 30 километри на час, рече градоначалникот.
Докторот кој доаѓа на повик во селото е достапен само спорадично и не работи за викенд, за празници или надвор од работното време. Како дел од уредбата, на жителите им беше наложено да не се однесуваат на „начин што може да биде штетен, за да се избегнат несреќи дома“ и „да не го напуштаат домот премногу често, да не патуваат, да не спортуваат и наместо тоа да се одмораат, пренесува Би-Би-Си.
Белкастро се наоѓа во јужниот регион на Калабрија, еден од најсиромашните во Италија. Лошото политичко управување и мафијата го уништија тамошниот здравствен систем, кој пред 15 години беше ставен под посебна контрола на централната власт. Осумнаесет болници во тој регион се затворени од 2009 година.