АД Државна лотарија под водство на Перпарим Бајрами, поранешниот директор кој е недостапен за органите на прогонот, трошоците за услуги и за работење за една година ги има зголемено од 6 на 11 милиони евра, пренесе Фактор.
Како што наведуваат ова за прв пат може да се види откако акционерското друштво пред неколку дена го објави ревизорскиот извештај за своето работење од пред една година на платформата на „Македонска берза“. Таму пишува дека трошоците за работењето, односно за продажба, се зголемени од 361 милиони на 670 милиони денари до крајот на 2023.
Трошоците за закупнини се зголемени од 14 милиони на безмалку 54 милиони денари, односно 900.000 евра. Услугите за одржување пораснале од 11,3 на 31,1милиони денари. За реклами и промоции биле издвоени 130 милиони, а една година претходно тој трошок изнесувал 47,5 милиони денари. „Провизии за продажба“ како услуга е прикажана во висина од 105 милиони денари, а претходно за тоа биле платени околу 67 милиони. За транспортни и комунални услуги биле потрошени 700.000 евра, а една година пред тоа тоа било двојно помалку.
Спонзорствата и донациите биле речиси двојно зголемени од 25,6 на 48,2 милиони денари. Ставката „платени посебни давачки и надомести“ изнесува 935.000 евра, а претходно за ова не биле платени ниту цели 300.000 евра. За „професионални услуги“ исплатен е речиси еден милион евра, а една година претходно само 350.000 евра.