Последните трагични настани се уште еден доказ за целосната ерозија на системот. Кога изместениот систем на вредности и негативната селекција стануваат правило, а компетентноста – исклучок, последиците се разорни, пишува поранешниот министер за финансии Кирил Миноски.
Време е за меритократија – систем заснован на објективни критериуми, а не на списоци со луѓе без стручност и компетенции, избрани по послушност наместо по заслуги. Кога „нашите деца“ се селектираат според врски и припадност, а не според знаење и труд, добиваме деградирани институции – од градинки и училишта, преку универзитети и здравствени установи, до полиција, обвинителства и судови.
Овој модел не доведе до демографска катастрофа – од држава со два милиони жители, веќе се сведовме на 1,8 милиони, со континуиран тренд на иселување. На дното сме според висината на просечната плата и нивото на бруто-домашниот производ по глава на жител. Системот на неспособни „наши деца“, наследен од комунизмот, е самоуништувачки – создава неправда и корупција, ги гуши можностите за способните, ги принудува да ја бараат својата иднина надвор од државата.
На крајот, кога продуктивните ќе заминат, нема да остане кој да го полни буџетот, а „нашите деца“ нема да имаат со што да управуваат. И додека молчиме, сите останати деца на останатите мајки и татковци полека ќе купуваат карта во еден правец, заклучува Миноски.