Киев и Вашингтон се блиску до договор за пристап на американските компании до минералните суровини на Украина, тврди украински политичар.
Олга Стефанишна, вицепремиер за европски и евроатлански интеграции, на социјалната мрежа Х објави дека „преговорите биле многу конструктивни, а речиси сите клучни детали биле договорени“. Таа нагласи и дека се „решени брзо да го завршат процесот за што поскоро да се потпише договорот“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски прв го вклучи предлогот за договор за минерали во таканаречениот „план за победа“ што му го претстави на Доналд Трамп минатиот септември.
Целта беше на тогашниот претседателски кандидат да му се понуди конкретна причина за континуирана американска поддршка за Украина. Поранешниот британски премиер Борис Џонсон изјави за Би-Би-Си во Киев дека таквиот договор е „голема награда“, бидејќи ќе обезбеди „посветеност на Соединетите Американски Држави под водство на Доналд Трамп за слободна, суверена и безбедна Украина“.
Какви минерали поседува Украина?
Украинските власти проценуваат дека околу 5% од светските „критични суровини“ се наоѓаат во таа земја. Меѓу нив има околу 19 милиони тони резерви на графит, што, според Украинската Државна геолошка агенција, ја прави Украина „меѓу петте водечки земји“ во однос на резервите на овој вреден минерал.
Графитот е клучен за производство на батерии за електрични возила. Покрај тоа, Украина има една третина од сите европски наслаги на литиум, што е исто така важно за производство на модерни батерии.
Пред руската инвазија, Украина имаше 7% од глобалното производство на титаниум, лесен метал што се користи во изградбата на сè, од авиони до електрани. Понатаму, Украина има значителни резерви на ретки метали – група од 17 елементи кои се користат во производството на оружје, турбини на ветер, електроника и други производи клучни за модерната технологија.
Дел од овие наоѓалишта на минерали беа преземени од Русија. Според украинската министерка Јулија Свириденко, ресурсите во вредност од околу 350 милијарди долари во моментов се наоѓаат на окупираните територии.
Според проценката од 2022 година на канадската консултантска компанија за геополитички ризик SecDev, Русија окупирала 63% од рудниците за јаглен во Украина, како и половина од резервите на манган, цезиум, тантал и метали од ретки земји.
Др. Роберт Муга, директор на SecDev, истакнува дека овие минерали даваат „стратешка и економска димензија“ на руската агресија. Преземајќи ја контролата над нив, Москва ја лишува Украина од приходи, ги проширува сопствените ресурси и влијае на глобалните синџири на снабдување.
Зошто САД ги сакаат?
Критичните минерали „се темелот на економијата на 21 век“, објаснува др. Мугах. Тие се клучни за обновливите извори на енергија, воената индустрија и индустриската инфраструктура и играат сè постратешка улога во геополитиката и глобалната економија.
Соединетите Држави сакаат да обезбедат пристап до украинските минерални ресурси и да ја намалат зависноста од Кина, која контролира дури 75 отсто од светските резерви на ретки метали, според Геолошката инвестмент група. Во декември, Кина го забрани извозот на некои минерали од ретки земји во САД и веќе го ограничи извозот на клучните суровини претходната година.
Што знаеме за досегашните преговори?
Пред Стефанишна да изјави дека договорот е блиску, се чинеше дека има сериозни пречки во преговорите. Минатата среда, Зеленски ги отфрли барањата на САД за наводен удел од 50% во минералите со ретки земји. – Не можам да ја продадам нашата земја – изјави тој. Според вториот нацрт-договор во неделата, условите станаа уште построги.
Наместо поделба на приходите 50/50, ревидираниот предлог сугерираше дека САД сакаат целосна контрола врз ресурсите, рече Зеленски на прес-конференција.
Покрај тоа, Зеленски, наводно, инсистира дека секој договор мора да вклучува безбедносни гаранции за Украина. Иако некои коментатори ја нарекоа американската понуда „колонијална“, Киев останува заинтересиран за заедничко истражување на своите ресурси.
Развојот на овие минерални суровини е исклучително сложен и скап процес, посочува Ирина Супрун, извршен директор на Geological Investment Group, рударска консултантска компанија од Украина.
Според неа, привлекувањето американски инвеститори би можело значително да и помогне на украинската економија.
– Ова би ни обезбедило технологии кои на нашата рударска индустрија многу и недостасуваат – објаснува Супрун. – Би обезбедиле капитал што значи повеќе работни места, повисоки даночни приходи и приходи од развој на наоѓалишта на минерали.